Плати семестар
Иницијатива за поддршка на студентите и еднаков пристап до образование

Елена Божиновска, претседател на Здружението „Млади од семејна разновидност“ ни ја доближува приказната зад иницијативата „#ПлатиСеместар“.
Образованието е една од најважните алатки за личен и професионален развој, но за многу млади луѓе сè уште претставува сериозен финансиски предизвик. Токму од таа реалност произлегува иницијативата „#ПлатиСеместар“, покрената од Здружението „Млади од семејна разновидност“.
Целта на иницијативата е едноставна, но суштинска: да им помогне на студентите кои се соочуваат со тешкотии при покривање на трошоците за семестар, преку финансиска поддршка, донации и активно вклучување на заедницата. Покрај тоа, иницијативата настојува да им помогне на истите тие студенти да најдат пракса или работа, со што би останале во процесот на образование и полесно би го направиле следниот чекор во својот професионален развој.
Во својата суштина, „#ПлатиСеместар“ не е само механизам за помош, туку и јасна општествена порака дека пристапот до образование треба да биде еднаков и достапен за сите, независно од економските околности.
До овој момент, за иницијативата се собрани скоро 10.000 евра, со кои делумно или целосно беа покриени семестрите на повеќе од 130 млади луѓе. Дополнително, во кампањата се вклучија и различни претпријатија и невладини организации, кои дадоа значаен придонес и покажаа дека поддршката за образованието може да дојде од различни страни на општеството.
Со цел иницијативата да добие поголема видливост и подобра комуникација со јавноста, започна развој на официјална веб-платформа која ќе служи како централен простор за информации, објави и идни активности.
Во овој процес, особено значаен придонес даде програмерот Петар Христовски, кој се понуди целосно волонтерски да ја изработи веб-страницата. Неговата поддршка претставува вистински пример за хуманост во пракса, преку знаење, време и лична посветеност. Дополнително, тој предложи соработка со Base42, со што се отвори простор за техничка поддршка, заедничко креирање содржина и развој на блог секција.
Оваа соработка ја проширува визијата на „#ПлатиСеместар“ во дигитална платформа каде што не само што ќе се споделуваат информации за иницијативата, туку и ќе се објавуваат блогови, приказни и ресурси поврзани со младите и образованието.
„#ПлатиСеместар“ е пример дека една идеја може да прерасне во движење со реално влијание. Кога се спојуваат заедницата, компаниите, волонтерите и технолошките партнери, се создава систем кој не само што помага, туку и инспирира. Оваа иницијатива потсетува дека хуманоста нема само една форма, туку многу различни начини да се покаже.
Од името на организацијата, ви благодариме на сите што верувате во младите и што не застанувате само на зборови, туку вистински ги поддржувате.
Во продолжение, Павлина Бучевска накратко ја објаснува соработката, техничката позадина на проектот и причината зошто Base42 се вклучува во вакви иницијативи.
Соработката започна откако Петар Христовски сподели порака во Discord каналот на Base42, каде ја претстави иницијативата и она што веќе беше изработено до тој момент. По објавата, неколку членови на заедницата се вклучија со поддршка околу поставувањето на веб-страницата на серверите на Base42. Андреј Мицков помогна со обезбедување и поставување на серверските капацитети, а Илија Бошков и Петар Христовски во заедничка сесија ја поставија страницата во продукција.
Од технички аспект, со поддршка од членовите на Base42 беа изработени Docker слики за веб-страницата, како и pipeline-и кои овозможуваат автоматско обновување на страницата при секоја нова промена. Ова го прави процесот на вклучување на нови соработници многу поедноставен, бидејќи секој што сака да помогне може полесно да се приклучи и да придонесе.
Изворниот код на страницата, заедно со целата пропратна документација, моментално е поставен на GitHub репозиториумот на Base42: https://github.com/42dotmk/ydf.mk. Проектот е со отворен код, што значи дека секој што сака може да се вклучи и да придонесе со идеи, подобрувања, содржина или техничка поддршка.
За процесот да биде уште поедноставен, на Discord серверот на Base42 е отворен и посебен канал посветен на YDF, каде може да се поставуваат прашања поврзани со техничката имплементација, како и да се добие насока за сите што сакаат да се приклучат во понатамошниот развој на платформата.
Целта на оваа иницијатива и мисијата на Base42 како организација се допираат во една важна точка: олеснување на пристапот до информации, знаење и образование. Base42 тоа го прави преку бесплатни едукативни настани, пристап до техничка опрема, серверски ресурси и поддршка за заедници и иницијативи кои создаваат позитивно општествено влијание.
Токму затоа ни е особено мило што можевме да излеземе во пресрет и да ја потпомогнеме оваа иницијатива. Во изминатиот период Base42 има поддржано и други проекти преку реализација и хостирање на веб-страници, меѓу кои и сајтот на „Донирај компјутер“, како и веб-страници на студентски организации.
Се надеваме дека во иднина уште повеќе луѓе ќе се вклучат во „#ПлатиСеместар“, но и во други проекти и здруженија кои градат поодговорно, посолидарно и поотворено општество.






